Трагедија на реката Ву: Четири превртени брода, деветмина загинати во ненадејно невреме во Кина
Најмалку девет лица загинаа, а едно се води за исчезнато, откако четири пловни објекти се превртеа во реката Ву, во југозападниот дел на Кина. Несреќата се случи како последица на ненадејно невреме кое го зафати регионот на провинцијата Гуиџоу, соопштија кинеските државни медиуми.
Според извештајот на националната телевизија CCTV, повеќе од 80 лица паднале во водата вчера попладне. Невремето, проследено со обилни врнежи и град, го зафатило горниот тек на реката Ву, притока на најдолгата кинеска река – Јангце.
Туристичка трагедија за време на национален празник
Иако првичните информации говореа за два потонати туристички брода, денес беше потврдено дека всушност се работи за четири пловила. Два од нив немале патници, а седум членови на екипажот успеале самостојно да се спасат. Според CCTV, бродовите не биле преоптоварени – секој имал капацитет од околу 40 лица.
Несреќата се случила за време на петдневниот национален празник, кога многу кинески туристи престојуваат во живописниот планинско-речен предел на Гуиџоу. Во видеа објавени од државните медиуми може да се види човек кој се обидува да спаси давеник, додека во близина плута превртен брод.
Очевидци за медиумите изјавиле дека, и покрај густата магла и силното невреме, дел од патниците успеале да испливаат до брегот.
Реакција на кинескиот врв
Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на итна и сеопфатна акција за пронаоѓање на исчезнатите и згрижување на повредените. Како што пренесе агенцијата Синхуа, Си подвлече дека серијата трагични инциденти во изминатиот период укажува на потребата од засилување на безбедносните мерки, особено на туристичките локации и големите јавни собири.
Истражната постапка е во тек, а спасувачките тимови продолжуваат со пребарување на реката во потрага по исчезнатите.






