Министерството за одбрана на САД размислува да повлече околу 10.000 американски војници од Источна Европа, јави денеска Ен-Би-Си њуз, повикувајќи се на информации од американски и европски претставници.
Овие војници се дел од контингент од 20.000 војници распоредени во Полска и Романија во 2022 година од администрацијата на Џо Бајден, со цел да се спречи Русија. Европски дипломати предупредуваат дека ваков потег може да создаде загриженост меѓу сојузниците во поглед на посветеноста на Вашингтон за безбедноста во Европа.
Брајан Хјуз, портпарол на Советот за национална безбедност, изјави дека претседателот Трамп ги преиспитува приоритетите, поставувајќи ја Америка на прво место. Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии предупреди дека повлекувањето на американските трупи од Европа може да се протолкува од Москва како знак на ослабено одвраќање.
„Вашингтон пост“ објави дека Пентагон разгледува можноста за повлекување на сите 20.000 војници распоредени под Бајден. Поранешната амбасадорка на САД во НАТО, Џулијана Смит, смета дека ова сценарио е реално. Пит Хегсет, новиот министер за одбрана, изјави на Минхенската конференција дека „американското присуство во Европа не е вечно“, нагласувајќи дека фокусот се преместува кон Кина.
Од 2022 година, бројот на американски војници во Европа варира од 75.000 до 105.000, со околу 63.000 постојано стационирани, најголем дел од нив во Германија. Повлекувањето на дел од овие трупи може да биде поврзано со мировните преговори за Украина и барањето на Путин од 2021 година американските сили да се повлечат од земјите кои се приклучиле на НАТО по 1997 година.







