Во предистражната постапка што ја води Основното јавно обвинителство Скопје, обезбедени се докази што укажуваат на основано сомнение против тројца осомничени за кривично дело – тешка кражба, согласно член 236 став 1 точка 2 од Кривичниот законик. Настанот се случил на 11 април, во едно казино во скопската населба Бутел.
Обвинителството покрена истрага бидејќи постојат индиции дека осомничените – двајца браќа на возраст од 20 и 22 години и 29-годишен вработен во казиното – се здружиле со цел да извршат организирана кражба. Од објектот одзеле вкупно 1.460.856 денари.
Еден ден пред настанот, тројцата се сретнале во кафе-бар каде го испланирале грабежот. Според договореното, на денот на кражбата, вработениот им сигнализирал кога е најповолно време за акција. Браќата пристигнале со автомобил, при што едниот останал во возилото, а другиот, маскиран, влегол во казиното. Симулирајќи вооружен грабеж, му покажал пиштол на колегата (кој, според договорот, глумел жртва), го оставил пиштолот на пултот, и заедно го наполниле ранецот со парите од дневниот промет. Потоа побегнале од местото на настанот.
Ценејќи ги околностите, обвинителот поднесе предлог за мерки на претпазливост против двајцата осомничени кои веќе се приведени – забрана за напуштање на живеалиште, редовно јавување во Судот, одземање на патни исправи, забрана за влегување во казиното, како и забрана за контакт со останатите осомничени.
За третиот осомничен, кој е во бегство, предложена е мерка притвор што ќе се примени веднаш по негово пронаоѓање и лишување од слобода.





![[ВИДЕО] Масовна тепачка во Сплит – приведени повеќе од 100 навивачи](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/05/screenshot-2025-05-03-124007.png)

