Владата беше приморана да ја поништи набавката за софтвер кој требаше автоматски да ги анализира медиумските објави и да ги категоризира како позитивни, негативни или неутрални. Причината за поништувањето, според известувањето објавено на Порталот за јавни набавки, е тоа што за тендерот не била поднесена ниту една понуда или прифатлива апликација.
Преку оваа набавка, Владата планираше да ангажира фирма што ќе развие софтвер за мониторинг на медиумски содржини – електронски, печатени, онлајн медиуми и објави на социјалните мрежи. Покрај категоризацијата на содржините, се бараше и дневен извештај до 9 часот наутро со сите релевантни податоци: име на медиумот, авторот, текстот и линк до изворот.
Системот, како што беше предвидено во техничката документација, требаше да користи вештачка интелигенција, да биде достапен и преку мобилна апликација, како и да има offline функционалност за транскрипција на говор. Софтверот беше наменет за употреба во околу 30 државни институции и политички органи.
Проектот предизвика бурни реакции во јавноста и беше остро критикуван како потенцијална закана за медиумските слободи и слободата на изразување.






