Путин останува цврст во ставовите: Москва бара целосна контрола врз четири украински региони
Рускиот претседател Владимир Путин не отстапува од своите територијални барања и инсистира дека Русија мора да воспостави целосна контрола врз четири украински региони – Херсон, Запорожје, Луганск и Доњецк – како услов за било каков мировен договор, пренесува Bloomberg. Овие барања претставуваат сериозен предизвик за обидите на американскиот претседател Доналд Трамп да посредува за прекин на војната и да постигне траен мировен договор.
Според извештајот, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф минатата недела се сретнал со Путин во Москва, обидувајќи се да го убеди рускиот лидер да прифати де факто контрола врз делови од овие региони, зад сегашната линија на фронтот. Меѓутоа, Кремљ останува на максималистички позиции, барајќи формално признавање на анектирањето на овие територии, вклучително и на Крим, што дополнително ги комплицира преговорите.
Иако предложениот договор подразбираше прекин на огнот долж постоечките фронтовски линии и признание на одредени реалности на терен, Москва сега бара правна и целосна контрола врз сите четири региони. Според неименувани извори во Москва, Путин го гледа ова како неминовен дел од каков било договор за завршување на конфликтот.
Кремљ тврди дека резултатите од референдумите одржани во септември 2022 година, и покрај тоа што беа меѓународно осудени како нерегуларни, ја зајакнуваат руската позиција. Со додавањето на овие региони во рускиот устав, Москва се повикува на внатрешно-правна основа за нивната припадност.
Разговорите, според извори, се наоѓаат во ќор-сокак, а напредок се очекува само доколку дојде до директна комуникација меѓу Путин и Трамп. Засега, Кремљ се нема официјално изјаснето, додека портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џејмс Хјуит, изјави дека Вашингтон не коментира тековни преговори, но потврди дека процесот продолжува.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) дека Киев се подготвува за нова рунда разговори со САД за можни дополнителни санкции против Русија, со цел поттикнување на дипломатски пристап од страна на Москва.
Геополитичката експертка Брин Розенфелд од Универзитетот Корнел изјави за Newsweek дека, дури и ако дојде до некаков договор, Путин нема да се откаже од Украина.
„Дури и во случај Киев да биде принуден да отстапи дел од својата територија, преостанатиот дел од државата ќе остане ориентиран кон Европа, со засилена антипатија кон Русија и со силна заложба за демократски институции“, нагласи таа.
Путин во меѓувреме прогласи 72-часовно примирје во Украина почнувајќи од 8 мај, по повод одбележувањето на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна. Но, оваа најава беше дочекана со скептицизам, со стравувања дека паузата во борбите ќе биде искористена исклучиво во интерес на Москва.
Иако САД официјално тврдат дека преговорите напредуваат, остануваат бројни дилеми околу долгорочната посветеност на Вашингтон за трајно решавање на воениот конфликт.






