Министерството за здравство соопшти дека денеска во земјава се враќаат уште осум пациенти повредени во трагедијата во Кочани. Петмина од нив пристигнуваат од Турција, двајца од Бугарија и еден пациент од Словенија. Со нивното враќање, бројот на пациенти кои сè уште се лекуваат во странство се намалува на 18.
Според предвидениот протокол, петмина од повредените ќе бидат сместени под медицинска опсервација во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, двајца ќе продолжат со третман на Клиниката за пластична хирургија, а еден пациент ќе биде згрижен на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Меѓу пациентите кои веќе се вратија во Македонија во изминатиот период, дел веќе се наоѓаат на рехабилитација во Општата болница во Кочани. Таму, во зависност од природата на повредите, се третираат на одделенијата за неврологија, хирургија и физикална терапија.
Министерството за здравство нагласува дека внимателно ја следи состојбата на сите повредени, со цел да обезбеди најдобар можен третман и континуитет во процесот на рехабилитација.






