Зеленски: Русија ја започна пролетната офанзива, цел е пробивање на одбраната во Суми и Харков
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Русија ја започнала својата нова пролетна офанзива со цел да ја пробие украинската одбрана во областа на Харков и Сумската област, додека притисокот на источниот фронт продолжува.
„Во моментот, повеќе од 67.000 руски војници се стационирани во правецот кон Курск. Завршија со прераспоредување на силите за напад во насока на Суми“, изјави Зеленски, предупредувајќи дека офанзивата од белгородската област веќе е во тек, со секојдневни обиди за пробивање на линијата на фронтот, пренесе „Киев Индепендент“.
Според него, украинските вооружени сили досега успешно го спречиле напредокот на руските сили кон областите Харков и Суми, и покрај тоа што Русија продолжува да трпи големи загуби.
Зеленски потенцираше дека целите на Русија остануваат непроменети — заземање на територии во областите Суми, Харков и Запорожје, како и приближување до границите на Донецката и Луганската област, што, според него, сè уште се дел од оригиналниот план на Москва од почетокот на војната.
Тој потсети дека Русија имала најголеми тактички придобивки во ноември 2024 година, но потоа следувале значајни загуби и забавување на офанзивата.
„Путин купува време и се подготвува за пролетната офанзива. Сите знаци на тие подготовки се очигледни“, изјави Зеленски.
Главниот командант на украинската армија, Александар Сирски, потврди дека пролетната офанзива веќе е започната.






