Трамп бара траен мир, а не козметички примирја
Американскиот претседател Доналд Трамп јасно порача дека не го интересираат привремени прекини на огнот во Украина, туку бара траен мир кој ќе стави крај на страдањата. Ова го изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
„Претседателот сака да види вистинско, трајно примирје кое ќе го запре убивањето и крвопролевањето“, рече Левит, додавајќи дека Трамп и понатаму останува оптимист кога станува збор за можноста за договор.
Сепак, според неа, американскиот лидер е сè понезадоволен од однесувањето на двете страни во конфликтот. „Станува сè пофрустриран од лидерите на двете земји. Време е конечно да седнат на преговарачка маса и да изнајдат излез од овој воен ќор-сокак“, изјави Левит.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин најави тридневно примирје, од 8 до 11 мај, во знак на одбележување на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. Кремљ и натаму тврди дека станува збор за „хуманитарен гест“, но Киев гледа на тоа со доза на сомнеж.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибихa, преку социјалната мрежа X јасно порача дека ако Русија навистина сака мир – тогаш треба да ги прекине борбените дејства веднаш, без да чека симболични датуми.
Симболиката продолжува и на дипломатско ниво. Последната средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, што се одржа во Базиликата Свети Петар, според Левит, е јасен сигнал. Таа изјави дека Трамп сака повторно да биде „претседателот што носи мир, како што беше во својот прв мандат“.







