Киев го одби Трамповиот предлог, се подготвува за војна без САД
Откако официјален Киев го отфрли најновиот предлог од американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на конфликтот, Украина сè посериозно се подготвува за најцрното сценарио – продолжување на војната без американска поддршка. Ова го објави германскиот весник Билд, повикувајќи се на извор во украинската влада.
„Се подготвуваме за најлошото сценарио, а тоа е целосен прекин на американската поддршка“, изјавил добро информиран извор блиски до властите во Киев.
Според истиот извор, постои големо разочарување од мировниот план што го понуди Трамп, кој, според Украинците, остава премногу простор за компромис на сметка на нивниот суверенитет.
„Се надеваме дека ова е само дел од неговата преговарачка тактика. Но реалноста е дека Трамп не врши притисок врз Путин, ниту пак зборува за санкции. Тоа е проблематично“, се наведува во изјавата.
Украинска дипломатија, пак, уште поостро реагира. Еден неименуван дипломат истакна дека условите кои ги наметнува Вашингтон се целосно неприфатливи.
„Она што е напишано, како и тоа што ни се кажува зад затворени врати – не доаѓа предвид. Дури и да сакаше Владата да прифати нешто – што не сака – народот никогаш не би го поддржал тоа. Нема предавање“, изјави дипломатот за Билд.
Истовремено, Фајненшл Тајмс во својот текст од 24 април предупредува дека европските сојузници на САД стравуваат од распад на единството околу Украина. Разликите во ставовите околу Трамповиот мировен план би можеле сериозно да ги разнишаат билатералните односи меѓу Европа и Вашингтон.
Американскиот претседател, пак, тврдеше дека му е важно и двете страни – и Русија и Украина – да седнат на маса и да преговараат. Според него, постои конкретен рок до кој очекува „деескалација“ и можен мир, иако не објави детали за какви отстапки би можел да инсистира.
Кремљ, од друга страна, позитивно реагираше. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека Русија ги цени медијаторските напори на Трамп и неговата администрација, оценувајќи ги како конструктивни во процесот на преговори.







