Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека нема да се повлече од борбата за Република Српска, дури и по наводните обиди за негова ликвидација од страна на Британците. Тој тврди дека британска единица од околу 40 војници била испратена во Босна и Херцеговина со задача да го елиминираат, со оправдување дека „давал отпор“.
Додик тврди дека оваа информација му ја дале еден премиер и тројца претседатели на европски земји.
„Ми рекоа дека имале наредба да не ме уапсат, туку да ме елиминираат, а приказната била ‘дал отпор’. Очигледно, според мафијашка логика – човекот е проблем, ако нема човек, нема проблем“, изјавил Додик за „Вечерње новости“.
Тој истакнал дека не се чувствува изолиран и дека слободно се движи, додавајќи дека ова е политички процес, а Кристијан Шмит, кој го крши меѓународното право, не бил легитимно избран за да носи одлуки кои треба да ги почитува како претседател на Република Српска.
Додик нагласил дека има достоинство и карактер, кои ги покажува секојдневно, и дека никогаш не го примил Шмит. Тој истакнал дека има намера да се бори за Република Српска додека ја има поддршката од народот.
Како лидер на СНСД, тој е задоволен од поддршката од граѓаните, која, според последната анкета, изнесува 62 отсто за него лично и 40 отсто за СНСД.
На крајот, Додик нагласи дека и некои странски претставници му предложиле да се повлече, но тој јасно порачал: „Не ќе го гледате тој филм. Јас нема да отстапам, дури и ако НАТО дојде да ме уапси.“







