Хидрацијата пред тренинг – клучна за успехот, но внимавајте што пиете
Доколку сте си поставиле цел – без разлика дали сакате да ослабете, да ја подобрите кондицијата или да зголемите мускулна маса – едно е сигурно: хидрацијата игра огромна улога во вашиот напредок. Но, тоа не значи дека секој пијалок е добредојден. Не сите течности делуваат позитивно врз организмот, особено не непосредно пред физичка активност.
Во продолжение, погледнете кои пијалоци треба да ги избегнувате пред тренинг и зошто:
1. Алкохол
Иако можеби изгледа незначајно, дури и една чаша вино пред тренинг може да направи повеќе штета отколку корист. Алкохолот го дехидрира телото, ја намалува силата и фокусот, а во некои случаи може да предизвика и вртоглавица. Наместо тоа, ако ви треба енергетски поттик, далеку подобра опција е една чаша кафе.
2. Спортски пијалоци (со шеќери)
Иако маркетингот ги претставува како идеални за спортисти, повеќето купечки спортски пијалоци се полни со шеќери. Тие предизвикуваат нагло зголемување на шеќерот во крвта, но потоа и брзо паѓање, што доведува до чувство на замор и глад. Многу подобро е сами да си подготвите свеж пијалок од овошје и зеленчук – енергија без непотребен шеќер!
3. Газирани сокови
Независно дали тренирате или не, газираните пијалоци не носат ништо добро. Полнети со вештачки шеќери и адитиви, тие често предизвикуваат надуеност и непријатност во желудникот. Дополнително, високата содржина на натриум може да ја наруши хидрацијата. Наместо тоа, пробајте билен чај или обична вода.
4. Цедени сокови од продавница
Иако звучат здраво, купечките цедени сокови често содржат повеќе шеќер отколку вистинско овошје. Наместо нив, подгответе домашна лимонада или вода со парчиња овошје – природна и освежувачка алтернатива.
5. Напитоци со млеко
Млекото и пијалоците базирани на млеко не се најдобар избор пред тренинг. Причината е едноставна – млекото тешко се вари и може да предизвика тежина во стомакот, што сериозно ќе влијае на вашата физичка активност. Затоа, овие пијалоци се подобра опција по тренинг, кога телото има потреба од протеини и јаглехидрати за обновување. Ако сепак не сакате целосно да се откажете од млекото, пробајте сурутка разредена со вода како полесна алтернатива.
Заклучок:
Паметниот избор на течности пред тренинг е подеднакво важен како и самата физичка активност. Не пијте само заради навика – пијте паметно и подгответе го телото за максимум енергија и резултати.






