Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја презентираше резултатите од четиридневната посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), на која пред инвеститорите беа изложени повеќе инфраструктурни проекти, како што се оние од транспортот, енергетиката и туризмот. Меѓу проектите кои привлекле внимание се коридорите 8 и 10, како и инвестиции во Охрид, Попова Шапка, Чебрен и Галиште.
„Ги презентиравме можностите за инвестирање во Македонија и работиме на тоа да се најдеме на мапата на светските инвеститори“, истакна премиерот Мицкоски.
Во изјавата, Мицкоски истакна дека оваа посета, која ја оствари со тимови од Владата и неговиот Кабинет, беше исклучително успешна и ќе претставува значаен чекор напред за македонската економија.
„Разговаравме за инфраструктурни проекти, вклучувајќи ги коридорите 8 и 10, и важното продолжување на коридорот 10-д. Понатаму, дискутиравме за инвестиции во туризмот, особено за нашиот бисер – Охрид, но и за Попова Шапка како важен туристички потенцијал“, додаде Мицкоски.
Тој истакна дека биле разгледувани и можности за изградба на значајни проекти во градежништвото кои ќе станат препознатливи не само во Македонија, туку и на Балканот и пошироко.
„Истовремено, дискутиравме и за инвестиции во енергетиката, посебно хидроцентралите на Река Црна – Чебрен и Галиште, како и потенцијалот за нови соларни и ветерни капацитети“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека посетата е оценета со највисока оценка, како економски така и политички успех, бидејќи повторно се воспоставува близок однос со Обединетите Арапски Емирати, по долгата пауза во соработката.







