Хроничната бубрежна болест, позната и како хронична бубрежна слабост, претставува сериозен здравствен проблем што го засега повеќе од 10 отсто од светската популација – речиси 800 милиони луѓе. И покрај нејзината распространетост, оваа болест често останува непрепознаена сè додека не се појават симптоми во понапредните фази.
Хроничната бубрежна болест се карактеризира со постепена и трајна загуба на функцијата на бубрезите – органи кои имаат клучна улога во филтрирањето на отпадните материи од крвта и во регулирањето на течносната рамнотежа во телото.
Симптомите на оваа болест се често неспецифични и се појавуваат постепено, што дополнително го отежнува раното откривање. Меѓу најчестите симптоми се мачнина, повраќање, губење апетит, хроничен замор и слабост, проблеми со спиењето, промени во мокрењето, намалена ментална острина, грчеви во мускулите, отечени нозе и глуждови, сува и чеша кожa, тешко контролирана хипертензија и отежнато дишење. Во потешки случаи може да се појави и болка во градите поради насобрана течност во белите дробови или околу срцето.
Стручњаците предупредуваат дека овие симптоми се заеднички за многу други здравствени состојби, поради што пациентите често доцна бараат медицинска помош. Затоа е од исклучителна важност редовното одење на превентивни лекарски прегледи, кои можат навремено да ја откријат болеста – пред да се појават видливи симптоми. Дијагнозата се поставува со едноставни анализи на крв и урина кои покажуваат намалена функција на бубрезите.
Во завршната фаза на болеста бубрезите целосно ја губат својата функција. Лекувањето на хроничната бубрежна болест е насочено кон забавување на нејзиниот напредок, најчесто преку лекување на основната причина, како дијабетес или висок крвен притисок, промени во животниот стил и специјална исхрана. Доколку болеста премине во краен стадиум, потребна е дијализа или трансплантација на бубрег.
Здравствените организации препорачуваат редовни годишни прегледи за навремено откривање на оваа состојба, бидејќи раната дијагноза може значително да го успори текот на болеста и да го подобри квалитетот на животот на заболените.






