Белата куќа ја повлече номинацијата на Марк Брновиќ за нов американски амбасадор во Србија, без да наведе конкретни причини за ваквата одлука.
Брновиќ, поранешен државен обвинител на Аризона и член на Републиканската партија, беше номиниран од Доналд Трамп на крајот на март. Номинацијата стигна до Комитетот за надворешни работи на Сенатот, но тој никогаш не се појави пред телото што ги потврдува назначувањата.
Со повлекувањето на кандидатурата, САД остануваат без амбасадор во Белград од јануари, кога функцијата ја напушти Кристофер Хил.
Во својата изјава за „Курир“, Брновиќ изрази благодарност до Трамп за номинацијата, но посочи дека „длабоката држава“ не сакала личност со неговата политичка, етичка и религиозна позадина на таа позиција. Тој додаде дека во моментов приоритет му е семејството во Аризона и дека ќе бара можности за посериозна улога на домашен план.






