Судењето за случајот „Штекли“, во кој десет лица се обвинети за организирана продажба на дрога, е одложено за 9 октомври, поради епилептичен напад на првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли, непосредно пред почетокот на рочиштето.
Судијата Илија Трпков ја донесе одлуката за одложување, истакнувајќи дека судот ќе ги почитува правата и здравствената состојба на обвинетите, но предупреди дека секој обид за одолговлекување ќе биде санкциониран.
Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски, рече дека нападот не може да се третира како нарушување на редот во судницата и дека обвинетиот ниту еднаш не го прекршил редот на расправата. Дуковски додаде дека обвинетиот бил прегледан од психијатар и му е дадена соодветна терапија, со оглед на присуство на суицидални идеи.
Обвинетите во овој случај се товарени за организирана продажба на кокаин и марихуана, а истрагата траеше речиси една година.






