Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека „Западот каков што го познававме веќе не постои“, посочувајќи на историските промени предизвикани од претседателскиот мандат на Доналд Трамп и новите глобални предизвици.
Во интервју за германскиот неделник Die Zeit, таа ја бранеше цврстата позиција на Европската унија кога станува збор за регулирањето на дигиталните услуги, особено оние од САД, нагласувајќи: „Ние немаме браќа или олигарси кои ги креираат правилата“.
И покрај сè поголемите тензии, Фон дер Лајен повика на одржување на блиски односи со САД, но истовремено ги охрабри европските земји да ја засилат домашната индустриска база, особено во областа на одбранбената индустрија. Според неа, критично е Европа да произведува и купува повеќе на сопствен терен.
Во делот посветен на безбедноста, таа предупреди дека руските амбиции под водство на Владимир Путин остануваат сериозна закана за континентот: „Иако Путин понекогаш паузира, неговите империјалистички амбиции немаат граници“.
Нејзините коментари доаѓаат во момент кога ЕУ се соочува со сè поголема фрустрација поради недостигот од ангажман од американска страна за надминување на тековниот трговски спор. Новите американски царини, воведени на 2 април, внеле дополнителна доза на неизвесност во трансатлантските односи, при што Брисел сè поотворено гледа кон можности за зајакнување на врските со други големи економии, како што е Кина.
Во меѓувреме, се очекува разговорите меѓу ЕУ и САД да продолжат во сенка на тековната 90-дневна пауза за решавање на тарифниот застој.







