Истражување спроведено од канадски научници покажува дека луѓето со висок крвен притисок треба да консумираат повеќе храна богата со калиум – како банани и брокула.
Според професорката Анита Лејтон од Универзитетот во Ватерло, токму зголемувањето на внесот на калиум може да има поголемо позитивно влијание врз крвниот притисок отколку само намалувањето на солта во исхраната.
Бананите, кои се меѓу најпопуларните овошја во светот, не само што даваат енергија и помагаат против мамурлак, туку и се одличен извор на калиум – клучен минерал за регулирање на притисокот, особено кај луѓето со хипертензија.
Главната авторка на трудот, Мелиса Стад, објаснува дека нашите тела еволуирале за да функционираат најдобро со исхрана богата со калиум и ниска со натриум, каква што била во праисторијата.
Денес, со западната исхрана преполна со сол и преработена храна, оваа рамнотежа е нарушена, што придонесува за висок притисок, дијабетес и срцеви заболувања.
Истражувачите предупредуваат дека хипертензијата е во пораст на глобално ниво – ја имаат околу 30% од возрасните, а со тоа се зголемуваат и ризиците од мозочен удар и заболувања на бубрезите. Причините ги гледаат во стареењето на населението, сè поседечкиот начин на живот и зголемената популарност на нездрава, западна исхрана.






