Вашингтон: Русија сака прекин на војната, САД подготвени за економско партнерство по примирјето
САД водат продуктивни разговори со Русија, а ставот на Вашингтон е дека Москва сака да стави крај на војната во Украина, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.
„Како што синоќа рече специјалниот пратеник Стивен Виткоф, тој верува дека Русија сака крај на војната – а истото го мисли и претседателот Трамп“, изјави Левит на брифинг со новинарите.
Таа нагласи дека САД веруваат во можноста за воспоставување економско партнерство со Русија по воспоставувањето на примирје во Украина.
„Русија има мотив да го прекине конфликтот, а еден од тие мотиви е евентуално економско партнерство со САД. Но, прво сакаме да видиме вистински прекин на огнот“, порача Левит, додавајќи дека Трамп и Виткоф веќе „јасно го искажале тој став“.
Трговски односи со Кина и дијалог со Иран
Осврнувајќи се на трговскиот спор со Кина, Левит рече дека претседателот Трамп смета дека „топката е кај Пекинг“, нагласувајќи дека „Кина има поголема потреба од договорот отколку САД“.
Во однос на Иран, портпаролката посочи дека Трамп е отворен за дијалог со Техеран.
„Кампањата за максимален притисок врз Иран продолжува, но претседателот е јасен во својата намера – тој сака дијалог и консултации со Иран. Истовремено, тој е решен Иран никогаш да не добие нуклеарно оружје“, рече Левит.
Таа откри и дека Трамп вчера разговарал со султанот на Оман и му се заблагодарил за улогата во организирањето на првиот директен состанок меѓу САД и Иран, нагласувајќи ја важноста преговорите да резултираат со прекин на иранската нуклеарна програма.







