Лавров: Русија и САД сè уште без договор за решавање на украинската криза
Русија и САД сè уште не постигнале согласност за клучните параметри на потенцијалниот договор за регулирање на ситуацијата во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за „Комерсант“.
– Клучните компоненти на договорот не се лесни за усогласување… Сè уште се разговара за нив, рече Лавров, додавајќи дека секој можен договор може да се постигне само доколку се елиминираат основните причини за конфликтот.
Тој истакна и дека во американската администрација се појавиле, како што рече, „разумни луѓе“ со кои може конструктивно да се разговара за прашања поврзани со работата на дипломатските мисии.
– Сега конечно има разумни луѓе во американската администрација, откако некои од кадрите на Бајден или си заминаа или беа отстранети. Со нив можеме да ги решаваме, барем, основните прашања за функционирање на дипломатските претставништва меѓу две земји кои официјално не прекинале дипломатски односи – истакна Лавров.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изјави дека рускиот лидер Владимир Путин е подготвен за договор за решавање на украинската криза, а и украинскиот претседател Володимир Зеленски е отворен за некаков вид компромис.
Путин, пак, на состанок со членовите на рускиот Совет за безбедност во јануари посочи дека целта не треба да биде привремен прекин на огнот за воено прегрупирање, туку долгорочен и одржлив мир.
– Русија ќе продолжи да се бори за интересите на својот народ. Тоа е суштината на специјалната воена операција. Мировен договор мора да се заснова на почитување на легитимните интереси на сите народи кои живеат во регионот – рече рускиот претседател.






