Во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, одржа инспиративна дискусија со ученици и студенти од ромската заедница. Таа со должно внимание ги сослуша нивните размислувања за предизвиците со кои се соочува заедницата, потенцирајќи дека тие настапиле критички, остроумно, со визија и конкретни предлози.

„Во нив препознавам висок потенцијал и не се сомневам дека ќе дадат значаен придонес во развојот на нашето заедничко општество“, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа подвлече дека Македонија е позитивен пример во Европа во однос на статусот на Ромите, но предупреди дека не смее да се остане само на декларативни заложби. Наместо тоа, неопходна е континуирана работа за подобрување на условите.

„Најважно е да има еднаквост на шансите и давање можност на стручните и компетентните да бидат на соодветни места. Како општество мора да се отвориме кон најранливите и да им се даде предност на најмалку претставените“, додаде претседателката.
Таа ги охрабри младите Роми сами да го креираат наративот за нивната заедница преку истакнување на позитивни примери, бидејќи, како што рече, „кога друг креира наратив, се создава искривена слика со предрасуди што не соодветствува со реалноста“.







