Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за NBC News изјави дека не ја исклучува можноста за употреба на воена сила во неговите напори за анексија на Гренланд, иако верува дека постои „добра можност“ тоа да се постигне без конфликти.
Изјавата доаѓа еден ден откако потпретседателот Џеј Ди Венс, заедно со високи американски функционери, ја посети американската воена база на островот. Венс ја критикуваше Данска за недоволните инвестиции во безбедноста и ги повика граѓаните на Гренланд да се отцепат од данското владеење за да отворат простор за преговори со Вашингтон.
„Ќе го земеме Гренланд. Да, сто проценти“, изјави Трамп, повторувајќи ја својата намера за преземање на оваа стратешка територија.
Оваа изјава дополнително ги зголеми тензиите меѓу САД и Данска, која досега категорично ги отфрлаше сите обиди на Вашингтон да го стави Гренланд под своја контрола.







