Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави на денешната прес-конференција дека четири пациенти кои се лекуваат во странство по пожарот во Кочани се во критична состојба, додека се очекува осум пациенти да се вратат во земјата оваа недела.
На 16 март, во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар кој однесе 59 животи, претежно на деца и млади, а повеќе од 200 лица беа повредени. Голем број на повредени беа упатени на лекување во странство, а во моментов, 115 пациенти се на лекување во други земји.
Таравари информираше дека денес се очекува 16 пациенти да бидат испишани од домашните болници, каде вкупно се лекуваат 46 лица. Во Клиничкиот центар се на лекување 26 пациенти, по 10 се во ГОБ 8 Септември и во болницата „Свети Наум Охридски“, а во приватните болници се лекуваат 8 пациенти.
„Сега се наоѓаме во фаза на инфекции и можни се компликации. Лекарите даваат максимум од себе, а се надевам дека најмалку половина од пациентите ќе се вратат во рок од две недели“, изјави Таравари.






