Јадранка Бреслиева, мајката на едно од спасените момчиња од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, преку социјалните мрежи ја изрази својата неизмерна благодарност и почит кон херојот – младиот Јован Костадинов.

Ова 19-годишно момче од Виница не само што го спаси нејзиниот син, туку извлече од пожарот што беснееше дури 21 дете.
Бил надвор за време на пожарот, нашол црево за вода во гаража во близина, ја натопил својата маица за да ја стави на лице и без двоумење преку помошна просторија на диското извадил преку 20 девојчиња.
„Со огромна благодарност и емоции сакам да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што спаси 21 дете во трагедијата во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најмрачните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и исплашени, Јован се појави како светлина на надежта. Без двоумење, го зеде мојот син, кој беше под урнатините на дискотеката, и го носеше на своите плеќи низ оганот и чадот, сè до болницата во Кочани, со единствена цел – да го спаси, додека сите околу него бегаа и се бореа за сопствениот живот“, напиша скршената мајка.
Јадранка истакна дека Јован е вистински херој – млад човек со огромно срце и неверојатна храброст, кој го ризикуваше својот живот за да спаси други.
„Јоване, тебе ти должам ново утро, нова насмевка, нова надеж и нов живот за мојот син. За тебе не постојат зборови што можат да ја изразат мојата благодарност и почит. Благодарност од дното на срцето. Ми го даде најголемиот дар што една мајка може да го добие – го спаси животот на моето дете. Засекогаш ќе останеш во моите молитви и во нашите срца“, напиша таа.







