Рускиот претседател Владимир Путин е решен да ја заврши операцијата за ослободување на регионот Курск во најкраток можен рок, а неговото појавување во воена униформа во регионот ја потврдува оваа решителност, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, коментирајќи го вчерашното присуство на претседателот во штабот на руската армија во Курск.
„Ова е сигнал за решеност да се заврши операцијата за ослободување на регионот Курск од милитантите во многу блиска иднина. Операцијата, како што вчера објави Путин, е во завршна фаза. Се надеваме дека во скоро време ќе можеме да здивнеме во тој поглед“, изјави Песков.
Рускиот Кремљ исто така потврди дека се планирани контакти со Американците во текот на денешниот ден, но засега не се откриваат детали.
Песков не ја откри конкретната агенда за тоа дали Путин лично ќе се сретне со специјалниот пратеник на американскиот лидер, Стивен Виткоф.
„Навистина се планирани одредени контакти. Имаше телефонски разговор претходниот ден помеѓу помошникот на претседателот, Јуриј Ушаков, и Валц. Контакти ќе има и денеска. Ќе ве информираме за нив навреме“, додаде Песков во интервју за рускиот Канал 1.
Кога беше прашан дали Путин ќе се сретне со Виткоф лично, Песков одговори: „Ќе ве информираме во догледно време“.
Тој исто така беше запрашан за составот на американските преговарачи кои пристигнаа во Русија, на што Песков одговори: „Не знам дали има други кои летаат (освен Виткоф)“.







