Министерството за внатрешни работи и администрација на Полска, во соработка со Министерството за национална одбрана и Владината безбедносна агенција, подготви водич за кризни и воени ситуации, кој ќе биде испратен до секое семејство до крајот на годината.
Водичот ќе содржи информации за преживување во кризни услови, како да се подготвите за прекин на струја од 72 часа, какви залихи да имате и како да се снабдувате без електрична енергија.
Роберт Клоновски од Министерството за внатрешни работи истакна дека секое домаќинство треба да биде подготвено да преживее три дена без струја. Водичот ќе понуди и насоки за безбедноста дома, како да се справите со природни катастрофи, како да дадете прва помош и како да се грижите за домашни миленици во криза.
Брошурата ќе ги објасни и алармните сигнали, како и важноста на препознавање на предупредувачки сигнали, како триминутниот модулиран звук на сирената, кој укажува на закана.








