Елките во угостителските објекти веќе се декорирани ама за Нова година секаде ќе биде празно.
Планот на стручните лица од Комисијата за заразни болести е да се изборат да не дојде до трет бран, преку забрана на собири и забави во угостителските објекти за празниците.
Извори од Комисијата за Телма велат дека ја разбираат маката на угостителите, но утре сигурно ќе се разговара за мерките кои ќе важат за кафулињата и рестораните во следниот период.
Според информациите, засега не е на маса и опцијата полициски час.
Во пресрет на новогодишните празници и во исчекување на исходот на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести, угостителите се уште не знаат – дали ќе се соочат со уште порестриктивни мерки од веќе постоечките.
Во моментов работат до 21 часот, но може и целосно да им се забрани работата во деновите кога традиционално – празничното расположение се подгрева токму во кафулињата и рестораните.







