Турските власти привеле 112 лица во Истанбул за време на демонстрациите по повод Меѓународниот ден на жената, но сите, освен еден, биле ослободени од притвор, соопштија денеска организаторите. Демонстрациите, кои се одржале вчера, веќе со години се забранети во Истанбул. Оваа година, властите образложија дека тие може да го нарушат „јавниот ред и општествениот мир“, пренесува ДПА.
Стотици луѓе се собраа на мирен протест во центарот на градот, пркосејќи на забраната и извикувајќи слогани како „Да живее нашата феминистичка борба“. Според платформата „Ќе ги запреме фемицидите“, во Турција до сега годинава мажи убиле 59 жени.
Демонстрации беа одржани не само во Истанбул, туку и во други турски градови, против насилството врз жените и ЛГБТК+ заедницата. Турската влада јавно се спротивставува на ставовите на ЛГБТК+ заедницата, прогласувајќи 2025 година за „Година на семејството“, што многумина го протолкуваа како отворено противење на нетрадиционалните семејни структури.
Потпретседателот на турското тело за надзор на медиумите РТУК најави програма за „борба“ против сексуалните малцинства во медиумите, истакнувајќи дека РТУК ќе ги следи и казнува радио, телевизиски, онлајн и печатени медиуми.






