Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Месар Омерагиќ, изјави дека одделот за интегритет на УЕФА испратил допис во кој се наведени одредени личности за кои постои сомнеж за нелегални активности на неколку натпревари.
„Во дописот се посочени имиња и презимиња на лица за кои постои сомнеж, што не значи дека е тоа така, но се наведени како инволвирани во сомнителни активности. Во соработка со УЕФА, ќе го спроведеме процесот до крај. Доколку некој мисли дека со напади и инсинуации ќе нè предомисли, тогаш нивното размислување е тотално погрешно“, изјави Омерагиќ.
Тој додаде дека натпреварите, клубовите и имињата ќе бидат објавени кога ќе дојде време.






