Доналд Трамп вчера го постави прашањето за посветеноста на САД кон НАТО и солидарноста на сојузничките земји во рамките на трансатлантскиот одбранбен сојуз, што предизвика реакција од Емануел Макрон, кој повика на „почит“.
„Ако не платат, нема да ги бранам“, изјави Трамп на новинарите во Овалната соба.
Трамп, кој започна свој втор мандат во јануари, често го оспоруваше продолжувањето на централната улога на САД во НАТО, со оглед на тоа што САД се најголемиот воен гарант на европската безбедност од Втората светска војна. Тој ги критикуваше некои членки на НАТО за недоволни трошоци за одбрана и за прекумерна зависност од САД. „Тие треба да платат повеќе“, нагласи Трамп.
„Мојот најголем проблем со НАТО е тоа што ако САД имаат проблем и ги повикаме Франција или други земји, кои не ги именувам, и им кажеме „имаме проблем“, дали тие ќе дојдат да ни помогнат како што треба? Не сум сигурен“, истакна Трамп.
На ова, францускиот претседател Макрон одговори: „Ние сме лојални и верни сојузници. Отсекогаш сме биле тука еден за друг“, изјави Макрон по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, каде што беше договорено зајакнување на европската одбрана. Францускиот претседател додаде дека Франција има „почит и пријателство“ кон САД и нивните лидери, истакнувајќи дека има право да очекува истото од Американците.







