Денеска е пријавен пожар на две патнички моторни возила близу фабриката Охис, на што интервенирала Противпожарната бригада на Град Скопје. За среќа, нема повредени.
„Во 13:20 часот добивме пријава за пожар на два автомобили, ‘рено кангу’ и ‘БМВ’, на главниот влез пред фабриката Охис. Интервениравме со едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Интервенцијата заврши во 14:10 часот. Пожарот започнал на автомобилот ‘рено кангу’, каде што при движење истекувал бензин од резервоар, што предизвикало пожар и на второто возило“, изјави за МИА командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Звонко Томески.
Тој додаде дека од пожарот настанала материјална штета на двете возила.
Истовремено, денеска имало уште две интервенции на опожарени патнички возила. Едната била на булеварот Св. Кирил и Методиј, каде што изгорело возило „матиз“, додека другото возило било опожарено на територијата на Општина Чаир.
Дополнително, интервенирано е и на опожарена куќа во село Буковиќ, како и на резервоари на бензинска пумпа во општина Бутел.
Пожарникарите интервенирале и на три опожарени контејнери за смет, сопственост на ЈП Комунална хигиена, а имало и повеќе интервенции на отворен простор од село Мирковци до аеродромот кај Петровец, каде што се интервенирало на сува трева и грмушки.






