Украинските и американските тимови започнаа подготовки за претстојниот состанок, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според него, шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, веќе одржал разговор со американскиот советник за национална безбедност, Мајк Валц, а првите резултати се очекуваат следната недела.
Ова е првиот контакт по минатонеделниот прекин на дијалогот меѓу Киев и Вашингтон, откако пропадна обидот за договор за експлоатација на украинските минерали, што требаше да води кон примирје со Русија. Иако Зеленски ја напушти Белата куќа без договор, подоцна испрати писмо до американскиот претседател во кое нагласи дека Украина е подготвена за брзи мировни преговори.
Најновите сигнали наидоа на реакција од Кремљ – портпаролот Дмитриј Песков оцени дека ова е „позитивен чекор“, но нагласи дека сè уште постојат правни и политички пречки. Белорускиот претседател Лукашенко пак, изрази подготвеност Минск да биде домаќин на трилатерална средба меѓу САД, Украина и Русија.
Во исто време, францускиот претседател Емануел Макрон размислува за заедничка посета на Вашингтон со Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер, а неговата влада порача дека „се поставуваат основите за дијалог за траен мир“.
Во говор пред Конгресот, претседателот Доналд Трамп потврди дека Зеленски му напишал писмо во кое изразил подготвеност за брзи мировни преговори со Русија, како и прифаќање на договорот за критичните минерали со САД како дел од потенцијалниот компромис.
Во меѓувреме, Макрон телефонски разговараше и со Трамп и со Зеленски, нагласувајќи ја „решителноста на Франција да работи со сите страни за постигнување на цврст и траен мир во Украина“.






