Од април, Македонија воведува Гаранции за потекло (GOs) – систем што ќе им овозможи на граѓаните и компаниите да знаат од каде доаѓа нивната електрична енергија. Оваа реформа, според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, е голем чекор кон поголема транспарентност и интеграција на македонскиот енергетски пазар со европските стандарди.
„Со оваа мерка, не само што обезбедуваме јасен доказ за користење обновлива енергија, туку и ги отвораме вратите за нашите компании кон европскиот пазар. Потрошувачите во Европа сè повеќе бараат чиста енергија со докажано потекло, а ние сега можеме да им ја понудиме,“ истакна Божиновска.
Гаранциите за потекло носат конкурентска предност за македонските компании, полесен извоз и поголема вредност на производите произведени со зелена енергија. Истовремено, тие поттикнуваат и зголемено производство на обновливи извори, што значи чекор поблиску до енергетска независност и почиста околина.
„Ова не е само техничка реформа – ова е промена што ги охрабрува граѓаните и компаниите да избираат одржлива енергија. Македонија оди напред со европски стандарди, транспарентен пазар и енергетска иднина во која секој ќе знае што троши,“ порача министерката.






