Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин е силен и паметен, и дека меѓу нив постои „взаемно разбирање“, што, според него, можело да ја „одврати руската агресија“.
„Целата оваа војна е толку тажна. Најтажно е што таа никогаш не требаше да се случи. Разговарав со Путин за тоа… Тој и јас се разбравме добро. Тој е цврст човек. Тој е паметен човек. Многу паметен. Многу интересен. Но, тој е тврд орев за кршење“, изјави Трамп за британскиот неделник „Спектатор“.
Трамп повтори дека војната во Украина можела да биде спречена доколку тој бил претседател, и го препиша успехот на својата администрација што и обезбедила на Украина ракети „Џавелин“, кои, според него, значително го промениле текот на војната и спречиле руските сили да стигнат брзо до Киев, нарекувајќи го тоа „негов личен успех“.
Тој изрази жалење за војната во Украина и за смртта на војниците од двете страни, нарекувајќи го конфликтот „брутална војна со дронови“, која, како што рече, ја проучуваат воени експерти ширум светот.
„Најтешко ми е да размислувам за сите овие деца што умираат. Секоја недела гинат 2.000 момчиња. Не можам да поднесам да го гледам тоа. Знаете, овие се луѓе, нели? И тоа е толку лоша и опасна војна. Навистина е лошо. Тоа е војна со дронови“, нагласи Трамп.
Тој исто така спомена дека севернокорејските војници дошле во Украина да „учат“ и дека научиле на потежок начин. „Тие претрпеа огромни жртви“, додаде Трамп.
Трамп остро го критикуваше повлекувањето на американските војници од Авганистан за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, нарекувајќи го тој настан „една од најсрамните моменти во американската историја“.
„Тоа беше голема срамота. Мислам, всушност, најсрамниот период во историјата на нашата земја. А вие имавте претседател кој не можеше ништо да објасни. Тој не можеше да разговара со никого. И тоа беше катастрофа“, рече Трамп.
Тој го осуди фактот дека американските војници оставиле големо количество воена опрема по своето повлекување, што ги направило талибанците еден од најголемите трговци со оружје во светот. „Дали знаете дека тие сега се втори или трети најголем трговец со оружје во светот, бидејќи продаваат се што им дадовме – 777.000 сосема нови пушки, 70.000 камиони, од кои многу се оклопни“, рече Трамп во интервјуто за „Спектатор“.







