Кремљ ја оцени позитивно подготвеноста на украинскиот претседател Володимир Зеленски да преговара за мир, што тој го изразил во писмо до американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Меѓутоа, Песков потсети дека указот што Зеленски го потпишал и кој забранува преговори со рускиот претседател Владимир Путин, сè уште е на сила.
„Имаме позитивен став. Прашањето е со кого да седнеме на преговарачка маса. Засега, правната забрана на украинскиот претседател да води преговори со руската страна останува на сила. Генерално, пристапот е позитивен, но нијансите се уште не се променети“, изјави Песков.
Во своето обраќање пред Конгресот, Трамп откри дека Зеленски му испратил писмо во кое ја изразува својата подготвеност за преговори за мировно решение.
„Во писмото се наведува дека Украина е подготвена што поскоро да седне на преговарачка маса за да се приближи до траен мир и дека никој не го посакува мирот повеќе од Украинците. Зеленски, исто така, напиша дека тој и неговиот тим се подготвени да работат под силно водство на претседателот Трамп за да постигнат траен мир. Исто така, ја изрази својата благодарност за американската помош во зачувувањето на суверенитетот и независноста на Украина“, рече Трамп.
Според Песков, Минск би бил најдобро место за Русија да преговара со Украина, но оваа опција сè уште не е разгледана.
„Ова прашање не беше отворено и не се разговарало на никаков начин. Сепак, за нас Минск е најдоброто место“, додаде Песков.
Претходно, белорускиот претседател Лукашенко ги покани Трамп, Зеленски и Путин на преговори во Минск.







