Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен денеска изјави дека новите планови на ЕУ за зајакнување на европската одбранбена индустрија и зголемување на воените капацитети би можеле да мобилизираат речиси 800 милијарди евра.
Зборувајќи на денешната прес-конференција, Фон дер Лаен најави дека ЕУ ќе предложи на земјите-членки да им се обезбеди поголем фискален простор за инвестиции во одбраната, како и 150 милијарди евра заеми за такви инвестиции, со мобилизација на приватен капитал.
„Потребно ни е големо зголемување на одбранбените капацитети, нема сомнеж за тоа. Сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила, а силата започнува со зајакнување на самите себе“, рече таа. Таа додаде дека испратила писмо до европските лидери и наведе пет клучни точки од планот за повторно вооружување на Европа:
- Зголемување на јавното финансирање за одбраната – доколку земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5% од БДП, тоа би можело да создаде фискален простор од речиси 650 милијарди евра во следните четири години.
- Нов инструмент кој обезбедува 150 милијарди евра заеми за одбранбени инвестиции на земјите-членки.
- Користење на буџетот на Европската Унија за одбранбени проекти.
- Мобилизирање на приватен капитал преку Синдикатот за штедење и инвестиции.
- Мобилизирање на приватен капитал преку Европската инвестициска банка.







