Саша Поповиќ, основачот на „Гранд продукција“ и еден од највлијателните луѓе во музичката индустрија на Балканот, почина на 70-годишна возраст по кратка, но тешка болест.
Неговото име е синоним за музички успех – од популарната група „Слатки грех“ до создавањето на „Гранд“, платформа која го трансформираше начинот на кој се градеа музичките кариери во регионот.
Како шоумен, продуцент и визионер, Поповиќ беше главен двигател на музичките таленти, отворајќи врати за многу ѕвезди кои денес владеат на сцената.
И покрај борбата со болеста и лечењето од врвни европски лекари, Поповиќ не успеа да ја победи последната битка. Веста за неговата смрт ја потврди „Гранд продукција“, која изрази длабоко сочувство за човекот што го постави темелот на модерната естрада.
Поповиќ беше познат по своите анегдоти и верувања во судбината. Една од најинтересните приказни што ја раскажуваше беше неговата средба со бугарската пророчица Баба Ванѓа, која му предвидела дека ќе стане „режисер“ на балканската музичка сцена и му ја открила неговата животна патека, што често ја споменуваше со восхит и неверување.
Со неговото заминување, балканската музичка сцена изгуби голем визионер и човек кој остави неизбришлива трага во музичката историја.







