По вчерашното невреме, предизвикано од силниот ветер, Општина Битола активно се вклучи во санација на штетите. Стручни екипи, заедно со приватни фирми со кои општината има склучено договори, извршија увид во неколку училишта каде што беа пријавени оштетувања. Во основните училишта „Коле Канински“ и „Свети Климент Охридски“ и средните училишта „Јосип Броз Тито“, „Јане Сандански“ и „Д-р Јован Калаузи“, утврдени се потребите за итна интервенција, па ќе започне санација на штетите од понеделник.

Дополнително, ЈП Комуналец продолжува со расчистување на паднатите 15 дрвја, а сообраќајот е нормализиран. Екипите на ТППЕ Битола, КЈП „Нискоградба“ и ЈКП „Водовод“ исто така активно работат на отклонување на последиците, вклучително и на поправка на водоснабдувањето во делови од градот.
Градоначалникот Тони Коњановски информираше дека екипите на ЕВН Електродистрибуција Битола се на терен и активно работат на отклонување на дефектите на електричната мрежа, кои дополнително беа отежнати со паднати столбови. Се очекува целосно враќање на снабдувањето со електрична енергија во текот на денот, најдоцна до утре.






