Од денес, во 10:00 часот, беше пуштен за времен сообраќај мостот на реката Вардар кај Башино Село. Сообраќајот ќе се регулира преку светлосна сигнализација и семафори, а сообраќајот ќе се движи само по средишната лента на мостот. Оваа одлука ја донесе Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), додека не започнат работите за зајакнување на конструкцијата на коловозот на мостот.
Во петокот, ЈПДП доби дозвола од Министерството за внатрешни работи за воведување на новиот сообраќаен режим. Во соопштението што беше испратено до медиумите, се наведува дека новиот времен режим на сообраќај ќе биде активен 24 часа по објавувањето.
„Во согласност со Одобрението за времената промена на сообраќајниот режим за време на санацијата на мостот на реката Вардар на регионалниот пат Р1312, делницата Башино Село – Велес, воведуваме времен режим. Сообраќајот ќе се движи по една лента по средината на мостот и ќе се регулира со светлосна сигнализација, како дел од изготвениот сообраќаен проект и поставувањето на соодветната сигнализација и опрема“, се наведува во соопштението на ЈПДП.
Мостот беше затворен за сообраќај од 3 јануари оваа година поради сериозни проблеми со конструкцијата, вклучувајќи напукнувања на цевките и оштетувања на носечките греди. Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Велес, Марко Колев, ја соопштија забраната, при што Мицкоски најави поправка на постојниот мост и изградба на нов мост 50 метри подолу.







