Лионел Меси го сподели своето искуство од времето поминато во Пари Сен Жермен во интервју за Apple TV, еден од главните спонзори на Интер Мајами.
Аргентинецот призна дека тие две години не биле најпријатни за него. Како што истакна, секој ден бил полн со незадоволство.
„Тие две години не ми беа пријатни. Не бев среќен, секој ден чувствував незадоволство – од тренинзите до натпреварите. Имав големи потешкотии да се прилагодам на сето тоа“, изјави Меси.
Неговиот поранешен соиграч Нејмар неодамна зборуваше за незадоволството на Меси во Париз, откривајќи дека Килијан Мбапе му бил љубоморен на Меси, но и дека Бразилецот и Аргентинецот имале блиска врска и надвор од теренот.
Меси беше дел од Пари Сен Жермен од 2021 до 2023 година, кога по 23 години ја напушти Барселона. Сега, во Интер Мајами, Меси открива дека го нашол она што го барал – среќата, уживањето во фудбалот, земјата и клубот.
„Доаѓањето во Мајами беше нова можност, особено откако работите не се развиваа најдобро во Париз. Таа одлука да се преселам во ПСЖ беше брзо донесена, бидејќи мораше да заминам од Барселона“, рече Меси.






