По вербалната расправија помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на нивната средба во Белата куќа, Трамп се консултирал со своите најблиски соработници и му порача на Зеленски да си замине, пренесува Си-Ен-Ен.
„Трамп се консултираше со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, министерот за финансии Скот Бесант и други советници по инцидентот во кој Трамп и Венс го обвинија Зеленски за неблагодарност кон американската помош“, изјавил претставник на Белата куќа.
Трамп на крајот донел одлука дека Зеленски „не е подготвен да преговара за мир“. „Тој им наложи на Рубио и на советникот за национална безбедност Мајк Волц да ја пренесат пораката: Време е Зеленски да си замине“, изјавил извор за Си-Ен-Ен.
Украинската делегација била сместена во посебна просторија, што е вообичаено при посети на странски лидери во Белата куќа. „Тие обично се собираат на ручек, но додека храната беше поставена на количка во ходникот, им било наложено да заминат“, изјавил официјален претставник.
Украинците побарале продолжување на разговорите, но им било одговорено со „не“. Потоа, Трамп ја напишал својата објава на Truth Social, а Рубио и Волц го информирале Зеленски за одлуката на Трамп.
„Почувствував непријателство во говорот на телото и ставот на Зеленски“, додал претставникот. Тој исто така напомена дека Трамп не ручал со Зеленски како што било планирано и дека не е јасно кога ќе се продолжат разговорите помеѓу САД и Украина.
Потврдено е и дека договорот за минерални ресурси помеѓу САД и Украина не е потпишан, според Си-Ен-Ен.






