Во италијанската покраина Верона се случи тешка трагедија – силна експлозија во селото Кастел Д’Акано предизвика уривање на двокатна куќа, при што загинаа тројца карабинери, а најмалку десет војници и полицајци се повредени.
Несреќата се случила за време на полициска операција и евакуација на куќата во која се наоѓале три лица. Детонацијата била толку силна што зградата целосно се урнала, закопувајќи ги припадниците на безбедносните сили кои биле во близина.
Меѓу повредените е и жена која живеела во куќата, а според првичните информации, се сомнева дека токму таа ја предизвикала експлозијата. Нејзината состојба е тешка, а мотивите за можниот напад сè уште се испитуваат.
Италијанските власти ја затворија областа и започнаа темелна истрага за да го утврдат точниот тек на настаните и причините за експлозијата.







