Платниот промет во евра во Европската Унија е во прекин поради технички проблеми во системот кој дневно обработува трансакции во вредност од 1.900 милијарди евра.
Европската централна банка (ЕЦБ) соопшти дека проблемите влијаеле на комуникациските канали на паневропската платформа ТАРГЕТ2 (Т2С). Според последните информации, проблемите се однесуваат на сервисот Т2, клучен дел од платниот систем на ЕУ, што ги попречува трансакциите меѓу апликациите и пристапот на корисниците до апликацијата.
Иако проблемот е сериозен, системот ЕКОНС 2 останува отворен за обработка на најкритичните уплати, за кои е потребна координација со соодветните централни банки. За да се реши проблемот, ќе биде извршен пренос на секундарна локација, а се очекува операциите да продолжат нормално во рок од еден час.
ЕЦБ потврди дека се преземаат сите неопходни мерки за брзо враќање на нормалното функционирање на системот.
Според информациите на Ројтерс, европските пазари на акции, валути и обврзници продолжуваат со нормално тргување.







