Властите на Каталонија одлучија да ги удвојат туристичките такси во регионот и да издвојат 25% од собраните приходи за станбената политика, пренесоа денеска шпанските медиуми.
Портпаролот на локалниот парламент, Дејвид Сид, објасни дека оваа мерка е донесена во соработка со премиерот на Каталонија, Салвадор Ила, а детали за тоа изнесе државната телевизија РТВ.
Според новите правила, туристичките такси ќе изнесуваат најмногу 15 евра по лице за едно ноќевање во Барселона. Сид нагласи дека ова зголемување на таксите нема да го почувствуваат хотелите, туку самите туристи. Според него, мерката е оправдана со оглед на рекорден број туристи што ја посетуваат Каталонија и големиот прилив на приходи од туризмот.
„Гостин кој плаќа 300 до 400 евра дневно за престој во хотел во Барселона лесно може да издвои дополнителни седум евра за такса за ноќевање“, додаде Сид.
Собраните приходи од таксите ќе се користат за изградба на нови станбени капацитети, бидејќи Каталонија има потреба од значително зголемување на средствата за станбената политика. Сид исто така истакна дека оваа мерка нема да влијае негативно на туризмот, бидејќи регионот продолжува да бележи рекорден број на туристи, и е во согласност со праксата на европски градови како Амстердам и Рим.






