Министерот за национална одбрана и вицепремиер на Полска, Владислав Косињак Камиш, истакна дека е потребно да се зголеми бројот на цивилни аеродроми кои ќе бидат прилагодени за воена употреба, пренесуваат полските медиуми.
Три години по почетокот на конфликтот во Украина, концептот на аеродроми за двојна употреба, кои служат за цивилни и воени функции, станува се поважен за Полска. Минатата година, заменик-министерот за инфраструктура, Мачеј Ласек, потврди дека се водат преговори со Министерството за одбрана за адаптирање на аеродромите за овие двојни функции.
Ласек нагласи дека Полска има 15 цивилни аеродроми, двојно повеќе од воените аеродроми. Косињак Камиш посочи дека треба да се адаптираат и други аеродроми, спомнувајќи ги аеродромите во Краков и Варшава, кои веќе имаат и цивилни и воени функции.
Меѓу новите развојни проекти се проширувањето на аеродромот во Жешув, подготовки за адаптација во Краков и изградба на нови товарни центри во Катовица и Вроцлав. Аеродромот во Шчечин исто така се развива за двојна употреба.
Полска, како клучна земја на источното крило на НАТО, ги зајакнува своите воени капацитети по почетокот на конфликтот во Украина. Премиерот Доналд Туск повика на поголемо воено трошење во рамки на НАТО, предлагајќи дека европските земји треба да го усогласат своето трошење со Полска за да ги зајакнат воените односи меѓу САД и Европа.
Иако сегашната цел за воено трошење во НАТО е 2% од БДП, се водат преговори за зголемување на овој износ на 3%, додека Полска веќе троши повеќе од 5% од својот БДП на воени потреби.







