Деменција – глобален здравствен проблем и како да го намалиме ризикот од неа.
Деменцијата станува се поголем здравствен проблем на глобално ниво, а бројот на луѓе кои страдаат од неа постојано расте. Во 2024. година, истражувањата покажуваат дека околу 120 милиони луѓе во светот се соочуваат со когнитивен пад или Алцхајмерова болест. Очекувањата се дека овој број ќе достигне 150 милиони до 2030. година и 190 милиони до 2050. година.
Но, постојат добри вести. Истражувањата покажуваат дека определени животни навики можат да помогнат во намалување на ризикот од развој на деменција. Една од најважните мерки е физичката активност.
На пример, новото истражување од Johns Hopkins Bloomberg School of Public Health покажало дека само 35 минути физичка активност неделно, односно само 5 минути дневно, може да го намали ризикот од деменција за 41%. И што е најдобро, ова важи без разлика на возраста или физичката состојба. Дури и постарите и послабите луѓе можат да имаат корист од лесна активност како што е шетањето или пливањето.
Студијата открила дека со зголемување на времето посветено на физичка активност, ризикот дополнително се намалува. Личностите кои вежбале 35 до 69,9 минути неделно (5 до 10 минути дневно) имале намален ризик од деменција за 60%, додека кај оние кои вежбале 70 до 140 минути неделно (10 до 20 минути дневно) ризикот бил намален за 63%.
„Нашите наоди сугерираат дека зголемувањето на физичката активност, иако само 5 минути дневно, може значително да го намали ризикот од деменција кај постарите лица,“ изјавил истражувачот и научник д-р. Амал Ванигатунга.
Ова истражување уште еднаш потврдува дека секоја физичка активност, без разлика колку мала, е многу подобра отколку никаков вид на активност, особено кога се работи за болест за која сè уште не постои лек.







