Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, одржа средба со директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, на која беше разговарано за досегашните и идните активности за унапредување на односите со македонската дијаспора.
Агенцијата соработува со широка мрежа од 700 иселенички организации – црковни, спортски и културно-уметнички здруженија – кои покажуваат силен интерес за комуникација со државните институции. Претседателката истакна дека оваа соработка е клучна за зајакнување на врските меѓу иселениците и татковината.

На средбата, Сиљановска-Давкова предложи иницијатива за доделување награди на најуспешните Македонци од дијаспората во областа на науката, културата, бизнисот и спортот. Дополнително, таа ја потенцираше потребата од изработка на „Дигитален регистар на најуспешните во дијаспората“, кој би се реализирал во соработка со Владата, МАНУ, универзитетите, амбасадите и други релевантни институции. Овој регистар би претставувал важен механизам за евидентирање и ангажирање на македонскиот интелектуален и професионален потенцијал низ светот.

Претседателката ја нагласи важноста на активната улога на дијаспората во развојот на Македонија и изрази подготвеност за понатамошна поддршка на нивните иницијативи и проекти.







