Со 93 гласа за, 8 против и 73 воздржани, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои предлог-резолуцијата на САД за запирање на војната во Украина, чиј еден од спонзорите беше и Македонија.
Помина и резолуцијата предложена од Украина со 93 гласа за, 18 против и 65 воздржани.
Македонија гласаше воздржано и за резолуцијата на САД изменета со амандмани од европските земји, поради што и Американците беа воздржани, како и за украинскиот предлог, во однос на кој Вашингтон се изјасни против.
Основната разлика меѓу двете предложени резолуции е таа што во оригиналниот текст на американската се користи многу поблаг речник и нема директна осуда на Русија, која не се именува како агресор или извор на конфликтот. Но, европските земји се изборија за амандмани со кои се додадоа референци за целосната инвазија на Украина од страна на Русија и потребата за праведен, траен и сеопфатен мир во согласност со основачката Повелба на ОН и ја потврдија поддршката на ОН за суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина.
Во украинската резолуција, пак, зад која застана целата Европска унија, се зборува за „воена агресија“ од Русија и се дава поддршка на територијалниот интегритет на Украина, а се бара и повлекување на руските војници.
Денеска навршија три години од почетокот на руската инвазија врз Украина.






