Бугарската фондација „Македонија“ на Виктор Стојанов, кој има забрана за влез во Македонија на неопределно време поради своите антимакедонски ставови и активности, јавно се спротивстави на кандидатурата на адвокатот Јонко Грозев за уставен судија поради неговото застапување на Обединетата македонска организација „Илинден“.
„Фондацијата ‘Македонија’ категорично се противи на кандидатурата на адв. Јонко Грозев за уставен судија. Со оглед на водечката улога на адвокатот Грозев низ годините во одбрана на нелегитимната организација „ОМО Илинден“, вклучително и пред Европскиот суд за човекови права, каде што Република Бугарија беше тужена за тоа дека земјата го штити својот Устав и уставниот поредок, одбивајќи да регистрира невладина организација која во своите статути и цели се противи на територијалниот интегритет на Република Бугарија и Уставот.
Во оваа насока беше водечка улогата на адвокатот Грозев како добар правник со искуство во ЕСЧП, па затоа сметаме дека е крајно неприфатливо адвокатот Грозев да стане дел од Уставниот суд, против чиј Устав повеќепати се спротивстави, бранејќи нелегитимна организација која се декларира против територијалниот интегритет на државата.
Ги повикуваме останатите парламентарни партии во Народното собрание да гласаат против кандидатурата на адвокатот Јонко Грозев за уставен судија за да се заштити уставниот поредок на Република Бугарија и доброто име на Републиката“, се вели во декларацијата на Фондацијата „Македонија“.
Адвокатот од Софија, Јонко Грозев, до неодамна девет години беше судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Поддршка за неговата кандидатура за нов уставен судија даде коалицијата Продолжуваме со промените на експремиерот Кирил Петков и Демократска Бугарија. Петков минатата година го предложи Грозев за главен јавен обвинител.
Во 2005 година ОМО „Илинден“ – ПИРИН, застапуван од Јонко Грозев, доби два случаи против Бугарија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Судот заклучил дека во 12 случаи во периодот од март 1998 и септември 2003 година, кога ОМО сакаше да организира мирни демонстрации, властите го спречиле тоа.







