Компанијата за сајбер безбедност, основана од поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц и неговите израелски партнери, сега има вредност од 1,1 милијарда долари.
Стартапот наречен Dream неодамна доби нови 100 милиони долари во последната рунда на финансирање, што ја позиционира компанијата како „еднорог“, односно стартап вреден повеќе од милијарда долари.
Ова претставува голем успех за компанијата, која е основана само пред две години и се опишува себеси како „предводник во вештачка интелигенција која помага за заштита на владите и критичната инфраструктура од сајбер напади“.
Dream објави дека оваа рунда на финансирање ја водел Bain Capital Ventures, а меѓу инвеститорите се наоѓаат и Group 11, Tru Arrow, Tau Capital и Aleph.
Според компанијата, од своето основање до 2024 година, генерирала повеќе од 130 милиони долари од продажби во една година, специјализирајќи се за соработка со влади и национални организации за сајбер безбедност.
Фирмата, која беше основана од Курц заедно со Шалев Хулија (поранешен извршен директор на израелската компанија за шпионски софтвер NSO Group) и експертот за сајбер безбедност Гил Долев, има канцеларии во Тел Авив, Виена и Абу Даби.
За потсетување, Курц стана еден од најмладите лидери на светот кога ја презеде функцијата канцелар на Австрија во 2017 година, со само 31 година. Тој беше соборен од власт во 2021 година и минатата година судот во Виена го осуди за лажно сведочење, по што доби условна казна затвор од осум месеци.






