Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска неочекувано и ненајавено дојде на протестот што го одржуваа професионалните сметководители на кои, како што тие тврдат, им е одземено правото на работа.
– Треба да се најде фер решение, напишете ми ги писмено сите забелешки и доставете ми ги, им порача министерката на сметководителите.
Таа ги покани да влезат и во архивата на Министерството да ги остават сите документи.
“Денеска, за време на состанокот со Занаетчиската комора, излегов пред Министерството за финансии за транспарентно да ги ислушам барањата на професионалните сметководители кои протестираа за решавање на проблемот со поднесувањето на завршните сметки.
Го прекинав состанокот за пред медиумите да ги ислушам нивните барања и замолив писмено да ги достават во архивата на министерстовто за да можеме соодветно да постапиме.
Воедно информирав дека веќе се поднсени законски измени во Собранието за да се премости настанатиот проблем, односно да можат да ги потпишуваат годишните сметки за 2024 година и сметководителите коишто се времено избришани од регистарот да можат нормално да продолжат со својата работа.
За сите останати законски пречки, услови и ограничувања дополнително ќе разговараме со сите засегнати страни затоа што веруваме во отворениот дијалот и во посветената работа.
И претходно во опозиција, и сега од позиција на министер за финансии цврсто ќе ги бранам своите ставови кои секогаш сум ги градела врз основа на исправното и законито работење, тоа така ќе остане и во иднина.”, напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Протестот се одржува пред Министерството за финансии. Сметководителите повторија дека бараат оние што се времено избришани од регистарот да можат да ги потпишуваат годишните сметки за 2024-та и законски измени со кои на ИСОС ќе му се одземат или строго ограничат ингеренциите за контрола на квалитет.






